Османи: Активно ќе се бара решение со Бугарија до крајот на годината

Македонските власти остануваат на ставот дека во следниот период активно ќе се бара решение за отворените прашања со Бугарија. Софија, пак, порачува дека нејзината позиција кон Северна Македонија останува непроменета и очекува конкретни резултати од дијалогот со Скопје.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера во интервју за БГНЕС рече дека добрите односи со Бугарија и европската перспектива за Северна Македонија се без алтернатива. Прашан што ќе направат властите во Скопје по реафирмираниот став на Бугарија во однос на почетокот на преговорите за членство во ЕУ, Османи нагласи дека во следниот период активно ќе се бара решение по однос на политичките прашања. Како што знаете, истакна шефот на дипломатијата, Северна Македонија беше конструктивната страна за изнаоѓање решение.
– Во следниот период очекуваме кога ќе се формира владата во Бугарија да почнат разговорите. Сметам дека и во декември има добри шанси да се најде решение, бидејќи немаме друга алтернатива освен добрососедски односи со Бугарија, порача Османи.