Османи: Ејупи е вработена во МНР како помлад соработник за протокол
Османи: Ејупи е вработена во МНР како помлад соработник за протокол

Бесмира Ејупи е помлад соработник за протокол во Министерството за надворешни работи, откри шефот на дипломатијата Бујар Османи по неколкудневниот молк на темата. Тој вели дека Ејупи е ангажирана на почетничка административна позиција во Министерството, за која не се неопходни голем број на квалификации. Османи додава дека Ејупи во МНР била неодамна преземена од Министерството за политички систем на Артан Груби, заедно со уште 12 други лица, а во процедурата немало ништо спорно.
„Тоа што се спомнува името во друг контекст за нас тоа не е прашање. Прашање е дали се исполнети условите за позицијата за којашто граѓанин на Република Северна Македонија е вработен и дали е тоа направено во законска процедура. Другите прашања мислам дека се неважни за нас“, изјави Бујар Османи – министер за надворешни работи.
Османи кажа дека му се нејасни обвинувањата на опозицијата за преземањето на Бесмира Ејупи во МНР, бидејќи, како што вели, Ејупи пред да се вработи во Министерството на Груби, била вработена во Општина Петровец, чиј градоначалник доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ги оцени обвинувањата во јавноста како „лов на вештерки“.
„Овие три дена додека ги слушам шпекулациите уште не можев да најдам причина „зошто не“? Треба некој да праша „зошто не“, па јас да одговорам „зошто да“. Има ли забрана за вработување? Што е проблемот?“, рече Бујар Османи – министер за надворешни работи.
Кариерата на Ејупи стана предмет на јавен интерес по информациите дека таа ќе биде назначена за конзул во Њујорк. Османи денеска вели додека тој е министер, таа никогаш нема да биде назначена за генерален конзул во Њујорк. Инаку, Антикорупциска комисија проверува дали Ејупи законски земала хонорари од четири општини и од Државното правобранителство истовремено, заработувајќи околу 12 илјади евра. Во меѓувреме беше соопштено и дека со одлука на Владата таа била назначена за член на Надзорниот одбор во„Железници – инфраструктура“.
Лука Андреев