Османи-Фајон: Секоја провокативна изјава и навреда кон граѓаните на Северна Македонија бара реакција

Секоја провокативна, неприфатлива и навредлива изјава бара реакција. Министерот ја кажа реакцијата со вербална нота, јас тоа го поддржувам и во слична ситуација би реагирала и јас исто, изјави денеска во Скопје словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни работи Тања Фајон на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин, шефот на дипломатијата Бујар Османи во врска со најновата провокативна изјава на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.
–Министерот Османи утрово ме извести и за овој немил настан на Џамбаски. Се надевам дека денеска ќе испрати дипломатска нота. Станува збор за навреда кон граѓаните на Република Северна Македонија и јас бев сведок и ги осудував неговите активности и изјави. Сите тие провокации во период кога државите обезбедуваат една позитивна средина во вакви услови, ги повикувам сите пријатели во соседна Бугарија да се воздржат од несоодветни коментари кои внесуваат раздор, нерасположение и конфликти помеѓу населението“, рече Фајон на новинарско прашање како го оценува ваквото однесување на Џамбаски кој се обрати пред карта на голема Бугарија и упати навреди кон премиерот Димитар Ковачевски и кон македонскиот народ и дали може ЕП да направи нешто во врска со ова бидејќи не се случува првпат.
Министерот Османи најави дека Скопје денеска ќе реагира со нота до официјална Софија по повод изјавата на Џамбаски и очекува реакција и од бугарските власти.