ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Османи негира разногласие со експертите од МНР

Не се совпаѓаат ставовите на министерот Бујар Османи со оние на експертите од Министерството за надворешни работи кои преговараат за политичките прашања со Софија – вакво мислење наводно споделила бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска пред еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Бугарскиот опозиционер Костадин Костадинов, на фејсбук објави документ за кој вели дека е записник од средбата, а кој досега бугарските власти го немаат негирано.

„Забележано е разминување, кое го гледаме во наративот на политичко ниво од страна на министерот Бујар Османи, кој пројавува конструктивност, со позициите на експертско ниво од МНР на РСМ. Следува решението за отворените прашања да биде барано на политичко ниво меѓу министрите за надворешни работи на двете земји“, се наведува во записник од средба Генчовска-Вархеји.

Министерот Османи негира разногласие во Скопје за политичките прашања.

„Мислам дека е некоректно тој текст вчера да се прикаже поинаку. Таму се зборуваше за разликите во Бугарија, помеѓу бугарското МНР и нивната Влада, а не кај нас разлики… // Ние тука немаме апсолутно никакви разлики. Ниту експертите во МНР, ниту јас како политичко раководство на МНР, ниту премиерот имаме разлики“, рече Османи.

Политичарот Костадинов, кој го објави документот, го обвини бугарскиот премиер Кирил Петков за вршење национално предавство. Во дел од записникот се вели дека бугарскиот премиер Кирил Петков изразил подготвеност за кревање на ветото за време на француското евро-претседателство, односно до јуни.

И европратеникот од опозициската партија ГЕРБ, Андреј Ковачев, вели дека Петков споделил подготвеност за зелено светло за отпочнување преговори, но воедно обвини и за разногласие во Софија.

„Гласовите што јас ги слушам од моите колеги во европските институции се дека бугарскиот премиер скоро па ветил дека во јуни за Македонија ветото ќе падне, а од друга страна имаме МНР кое вели дека треба да има, не временска рамка, туку рамка на постигнати резултати“, рече Андреј Ковачев – бугарски европратеник.

Инаку, според бугарската шефица на дипломатијата со секоја измината недела се намалуваат шансите за постигнување решение. Генчовска ќе дојде во Скопје наредната среда.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button