Османи: Отворивме важни прашања за иднината на пристапниот процес со земјите од регионот

Процесот на проширување на ЕУ и последните случувања поврзани со последните Самити на ЕУ беше централна тема на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група (В4) и земјите од Западен Балкан (ЗБ6) во Познан, во рамките на полското претседавање со В4, на кој учествуваше и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Како што соопшти МНР, во присуство на специјалниот претставник на ЕУ за регионалните прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак и на министерот за надворешни работи на Хрватска, беа отворени прашања за иднината на пристапниот процес со земјите од регионот како двонасочен процес што подразбира исполнувања од двете страни, како и одразот на сите овие прашања врз кредибилитетот и интегритетот на ЕУ во регионот и глобално.
Министрите, се додава во соопштението, без исклучок испратија силна порака да се продолжи со напорите за донесување на неопходните одлуки во рамките на словенечкото претседателство до крајот на годината, ја нагласија важноста од продолжување на процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ и ја истакнаа важноста на преговарачкиот процес за внатрешните реформи на земјите, како и за севкупна позитивна трансформација на регионот.