Османи: Предизвик е да се обезбеди присуството на Лавров на министерскиот собир на ОБСЕ

Над 1 000 гости од 76 делегации ќе присуствуваат во Скопје на министерскиот годишен собир на ОБСЕ што ќе се одржи од 29 ноември до 1 декември. Тоа ќе биде најголем настан во државава, и по димензии и по суштина, рече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, на брифинг со новинарите во СЦ „Борис Трајковски” каде привршуваат подготовките за преадаптација на просторот.
Скопје, во овој период, како што рече Османи ќе биде домаќин на делегации од САД, Велика Британија, но се уште е неизвесно дали во делегацијата на Руската федерација ќе биде и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Османи вели дека, пред неколку дена, добил писмо од министерот за надворешни работи на Руската федерација во кое покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Македонија.
„Има одредени предизвици во делот на тоа прашање прво заради тоа што воздушниот простор на С Македонија, како и на соседните земји, е затворен за држани руски авиони и тука ќе треба да се направат логистички напори за да се обезбеди. Инаку, по правило сите земји учеснички треба да присуствуваат на министерскиот совет на ОБСЕ, но дали конкретни личности ќе има сепак ќе зависи од одредени одлуки што ќе треба да се донесат во текот на наредните денови. Се надевам дека ќе успееме сите да бидеме во Скопје“, рече Османи.