Освен во власта, Алтернатива има уште една алтернатива
Освен во власта, Алтернатива има уште една алтернатива

Постигнатиот договор меѓу премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, вклучува двајца министри за Алијанса, двајца заменици-министри и неколку директори и заменици на централно и регионално ниво. Алијанса за Албанците ќе раководи со Министерството за правда, каде се очекува министер да биде Кренар Лога, моментално член на ДИК. За Алијанса е предвидено и Министерството за здравство, за каде се споменува името на Фатмир Меџити. Оваа партија ќе има и двајца заменици-министри, во одбрана е предвиден Тирон Јахјага, а за земјоделство името сè уште не е дефинирано. Евентуалното излегување на Алтернатива носи и нова министерска позиција за Алијанса во информатичко општество и администрација. Доколку Алтернатива сепак остане во Владата, тогаш Алијанса ќе добие вицепремиер, за каде се предвидува потпретседателот на партијата Елми Азири. Неговата евентуална смена од функцијата пратеник во Собранието ќе ја донесе потпретседателката, Бујаре Абази.
„Постојат две опции – или Министерството за информатичко општество и администрација или вицепремиер за економски прашања. Две министерства се обезбедени – здравство и правда, а третото е или вицепремиер или министер за администрација“, рече Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.
Во текот на денов Ковачевски се сретнал со Гаши, но епилогот од средбата не е познат. Партиите ниту потврдија, ниту демантираа дека имало ваква средба. По Гаши, Ковачевски ќе се сретне и со Таравари од кого ќе чека да му ги достави имињата за функциите во извршната власт. Освен од Алтернатива, со влегувањето во Владата Алијанса добива позиции и од ДУИ. Партијата на Али Ахмети го дава заменик-директорот на УЈП, а се дознава дека ќе си замине и заменик-министерот за правда Агим Нухиу. Целта е вториот човек на овој ресор да им припадне на партиите од македонскиот блок. Алијанса ќе го добие и директорското место на МЕПСО, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Државното правобранителство, Управата за управување со одземен имот, Железница, Просветниот инспекторат и неколку други./Алсат.мк
Адријан Керими