OTA без директор не одговара на прашања, од Врховен и Кривичен велат дека немаат проблеми со наредбите за следење на комуникации

Вчера (15 септември 2023 година) истече рокот од десет дена во кој заинтересираните кандидати можеа да конкунираат на огласот за избор на нов директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА) што го распиша Собранието.
Речиси исто толку дена Агенцијата, кај која се активираат судските наредби за спроведување на посебната истражна мерка (ПИМ) за следење на комуникациите, е без директор, откако на доскорашниот Зоран Ангеловски на 7 септември му истече петгодишниот мандат, без право на повторен избор или продолжување на мандатот.
Собранието, во последен момент, на само два дена пред истекот на мандатот на Ангеловски, односно на 5 септември со 83 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ ја изгаса одлуката за распишување на огласот, кој еден ден подоцна беше објавен во „Службен весник“.
Ситуацијата со „обезглавената“ ОТА, независен државен орган и важна алка во синџирот на борбата со криминалот и заштита на безбедноста на државата, отвори многу прашања за нејзиното функционирање.
Едно и можеби главно е – како во ситуација кога е оставена без директор, Агенцијата ќе продолжи со извршувањето на наредбите за следење на комуникациите, кои ги издаваат судовите на барање на обвинителствата.