
Науката откри нов дел од имунолошкиот систем којшто може да биде клучен во борбата против бактериските инфекции и отпорноста на антибиотици, објавија истражувачи од Израел.
Откритието се фокусира на протеазомот – мала структура која се наоѓа во секоја клетка од телото.
Неговата главна улога е да ги исецка старите протеини на помали парчиња за да може да се рециклираат за да се направат нови. Но, серија експерименти, детално опишани во списанието Nature, покажуваат дека протеазомот открива кога клетката е инфицирана од бактерии.
Потоа ја менува структурата и улогата. Почнува да ги трансформира старите протеини во оружје што може да го оштети надворешниот слој на бактерии и да ги уништи.
„Ова е навистина возбудливо, бидејќи никогаш не знаевме дека тоа се случува. Откривме нов механизам на имунитет кој ни овозможува да имаме одбрана од бактериска инфекција. Тоа се случува низ нашето тело во сите клетки и генерира сосема нова класа на потенцијални природни антибиотици“, изјавил професорот Јифат Мербл, од Институтот Вајцман.
Тестирањата биле спроведени во лабораториски услови, на бактерии кај глувци со пневмонија и сепса. Истражувачите добиле резултати споредливи со некои познати антибиотици.
А, кога истражувачите го оневозможиле протеазомот во клетките, организмот многу полесно се заразил со бактерии.
„Она што е навистина возбудливо е тоа што ова е до сега неоткриен процес со кој се создаваат анти-бактериски молекули во нашите клетки“, вели проф. Даниел Дејвис, имунолог.
Воедно, тој вели дека претворањето на овој механизам во нов извор на антибиотици е идеја што „сè уште треба да се тестира“ и за тоа ќе биде потребно време.
Се проценува дека повеќе од милион луѓе годишно умираат од инфекции кои се отпорни на антибиотиците.