Отворена истрага за шест лица за трговија со дрога

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска и формално отворил истрага против шест лица осомничени дека вршеле продолжено кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори откако имале краткотраен притвор и биле прибрани сите неопходни докази во оваа фаза.
Обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска доставил предлог за определување мерка ефективен притвор за сите шестмина осомничени.
Како што соопшти државното Јавно обвинителство, од 1 мај 2025 до 3 јули 2025 осомничените шест лица заедно, „во повеќе наврати, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто кривично дело – трговија со дрога, искористувајќи ист траен однос и исти или слични прилики“.
-Тие неовластено продавале или заради продажба неовластено држеле наркотична дрога – амфетамин во вкупна нето маса од околу 6,5 килограми, наркотична дрога – марихуана во вкупна нето маса од 257 грама, како и 98 таблети психотропна супстанца 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA). Предистражната постапка против осомничените траеше неколку месеци и притоа дел од доказите се обезбедени со примена на посебни истражни мерки, се наведува во соопштението.
На 3 јули сите осомничени биле лишени од слобода во координирана акција при што, по барање на јавниот обвинител, а врз основа на претходно обезбедени наредби од судија на претходна постапка, биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје и во Куманово.