ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Оваа лето цените во Охрид уриваат рекорди

Ова лето и тоа како може да ви загорчи одморот во Охрид. Пиењето кафе покрај Охридското Езеро станува луксуз и  се движи од 120 до 180 денари.Цените на храната исто така рушат рекорди, на пример за пица ќе треба да одвоите околу 8 евра, топка сладолед се движи од 70 до 120 денари, домашно пиво од 150 до 250 денари. Ручек во ресторан за тричлено семејство од 2000 денари па нагоре во зависност од локацијата. Иако заменик министерот за економија, Марјан Ристевски минатата недела од Охрид најави дека постојат разни механизми за да реагираат, од ресорот ретерираат, што зборува за неусогласеност во ставовите.

Advertisements

„Во слободна пазарна економија формирањето на цените не е регулирано централизирано, но било каква манипулација, прикривањето на вистинскиот промет и дезинформациите на потрошувачот се казниви согласно позитивните законски прописи“, наведуваат од Министерството за економија.

„Треба да имаат понормални цени, бидејќи е почеток на летна сезона и треба тоа да го направат. Ако тоа не го направат, тогаш имаме разни мерки и можности да реагираме на тоа. Секогаш пазарната економија треба да ги формулира цените и секаде каде што ќе видиме дека нема пазарна логика, ние ќе реагираме“, рече Марјан Ристески-заменик министер за економија.

Граѓаните велат дека со вака високи цени Охрид ги брка гостите.

„11 часот е, а празен е градот. Они мислат дека за два месеци сезоната ќе ја пополнат. Но, тоа не е тоа. Ќерка ми оди во Египет, не доаѓа овде, затоа што цената таму е многу попристапна отколку овде“, вели еден турист.

Овој граѓанин вели дека од другата страна на езерото во Поградец, цените се поприфатливи.

„За 10 евра имаш ручек, пастрмка, ракија, салата и вино за двајца и гратис лубеница. Реклама си прават луѓето“, вели тој.

„Ептен е скапо, за наши македонски услови тоа е катастрофа. Од продавница купуваме и така поминуваме. Кој е тој што има можност да влезе во кафана да даде 5000-6000 денари да се напие нешто. Пивото е 220-240 денари и нагоре. Врвот на скапотија во Македонија е Охрид“, рече еден турист.

„Мислам дека тоа ги одвраќа луѓето, бидејки нема голема разлика во цените во Грција и тука во Охрид и мислам дека луѓето попрво би ги потрошиле тие исти пари на море отколку да дојдат во нашите локални туристички центри, што мислам дека е голема штета“, реагираат домашните туристи.

Но, за некои од странските гости цените не се толку високи.

„Како и секое туристичко место има за секого. И цените за ваков амбиент не се високи. Јас доаѓам од туристичко место, каде цените можеби се и повисоки“, рече еден турист од Србија.

За седумдневен престој во Охрид ќе треба да одвоите како за во Анталија, едно од најпопуларните туристички центри за македонските граѓани. Во моментот Охрид е полупразен. Поради повисоките цени и дел од тур-операторите од Холандија и Полска ги откажаа аранжманите.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button