Пад на бројот на патници кон Албанија по воведувањето на анти-ковид мерките

Речиси ниту еден граѓанин на Македонија додека екипата на Алсат беше на граничниот премин Ќафасан, не замина за соседна Албанија преку овој премин поради новите рестриктивни мерки кои од вчера ги воведе официјална Тирана. Оние кои денеска ги видовме на Ќафасан воглавно беа странски државјани кои транзитираат низ Македонија и Албанија.
Новите мерки за влез во Албанија предвидуваат ниту еден странски или албански државјанин да не може да влезе во земјата без потврда за вакцинација, негативен ПЦР или антигенски тест. Овие правила важат и за транзит, додека децата до шест години се ослободени од тоа.
„За да излеземе од Турција, прво требаше да направиме еден тест во Турција, потоа овде во Охрид, каде изгубивме време за да го направиме тоа. Ќе треба да се тестираме во Црна Гора, па во Босна. Вкупно четири пати…“, рече граѓанин на Турција.
На граничниот премин драстично е намален бројот на патници кои патуваат за Албанија, но имало и обиди за измами.
„…Во текот на вчерашниот ден регистриран е случај на фалсификување на ПЦР тест, кој за понатамошна постапка е предаден во јавното обвинителство во Струга“, изјави Мерлинда Ислами, Портпарол во СВР Охрид.
За разлика од Македонија, каде што за влез во државата, домашните и странски транспортери се изземени од обврската за приложување негативен ПЦР тест, за влез во Албанија тоа им треба. Само вчера од Ќафасан се вратиле повеќе од 40 камиони.
„Треба да се направат некакви активности од Министерството за надворешни работи овие работи да се регулираат, барем за професионалните превозници да можат слободно да се движат“, рече Мевмед Џемаилоски-сопственик на компанија од Струга.
Транспортерите кои ги затекнавме на Ќафасан велат дека двете земји треба да ги усогласат мерките кои се однесуваат на нив. Инаку, по воведувањето на анти-ковид мерките на Албанија, деновиве се откажани и голем број од септемвриските аранжмани со туристи од земјава кои планирале да заминат на албанското приморје.
Мики Трајковски