„Падни-стани“ оставка на Зоран Заев, може да се одвлекува до декември

Премиерот Зоран Заев ја суспендира најавената оставка. Два дена по објавата дека поднесува оставки од позицијата прв човек на извршната власт и од челната позиција во раководството на СДСМ, Заев сè уште не ја доставил оставката до Собранието, со што би се отворил пат законодавниот дома да ја констатира оставката на Владата и да започнат процедурите за доделување нов мандат. Од СДСМ велат дека Заев ги продолжува консултациите со коалициските партнери. Од Владата пак, информираат дека тој не почнал никаква процедура за да ја реализира најавената оставка. Неофицијално, оставката на Заев може да биде одложена до крајот на декември, односно да се чека евентуален датум за почеток на преговорите со ЕУ. Од ДУИ велат дека Заев не може да ја напушти извршната власт со негова еднострана одлука. Бујар Османи во емисијата „200“ на Алсат рече дека Заев во моментов останува незаменлива фигура за единство меѓу коалициските партнери.
„Ние не сме овластени за неговата одлука да поднесе оставка од лидер на неговата партија, но мислам дека ова е заеднички процес, заедничка влада на коалиционите партнери. Сите сме свесни за предизвиците пред нас, но и за последиците. Гледате вчера, во две општини беше оспорено уставното име на државата, што може да отвори ново поглавје. Во моментов нема нова фигура која може да создаде толку силно единство во партијата, но и во коалицијата.“
Партнерите од владејачката коалиција вчера се сретнаа со Заев во Владата и бараа од него да ја повлече најавената оставка. Но, според нивните изјави, Заев останал упорен во најавената намера да си оди. Од друга страна, структури во СДСМ почнаа иницијатива за собирање потписи за поддршка на нивниот лидер. Во моментов таму не се зборува за смена на Заев.
Adrian Kerimi