Пандемијата го оштети менталното здравје на децата

Ограничување на движењето, учење преку Интернет, карантин и немање доволно социјализација. Сето тоа негативно се одрази врз менталната состојба на децата. 25% од наставниците во средните училишта и 18% од наставниците во основното образование забележале вознемиреност и стрес кај учениците откако започнале учење од далечина. Студијата спроведена од „Фајнанс тинк“ и УНИЦЕФ покажува дека меѓу другото, пандемијата, како и учењето од далечина, значително ги зголемиле депресијата и вознемиреноста кај децата. Најчувствителни се оние од ранливите категории семејства, како и кај оние со посебни потреби. Родителите и наставниците имаат поделени мислења за учење преку Интернет.
Претставникот на УНИЦЕФ во Скопје наведе дека децата се меѓу најголемите жртви на пандемијата, иако најмалку настрадале од болеста Ковид19.
„Со повеќе од една година блокади, празни училници, прекинати услуги, губење на семејната егзистенција, животот на децата драматично се промени. Засегнати се сите деца од сите возрасти… Без дополнителни инвестиции во мерките за враќање на пристапот до виталната заштита, образованието и здравствените услуги, пандемијата може да има трајно влијание врз децата“, вели Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во Скопје.
Според истражувањето, 19.000 деца на територијата на Македонија живеат под прагот на сиромаштијата.
Вјолца Алити