ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пандов: За поголема безбедност на затворите недостасуваат и полицајци и камери

Затворот „Скопје“ во Шутка не е добро заштитен, потребно е да се постават повисоки жици и тоа да биде покриено со камери, изјави денеска в.д директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов, по неодамнешните бегства на 10 лица од затворот во Шутка, од кои четири се вратиле, а шестмина се уште се во бегство. Пандов вели дека во затворите ширум земјава недостасуваат и 200 до 300 затворски полицајци, а како причина за бегствата ги посочи и лошите услови во дел од затворите.

Advertisements

„Првпат влегов во притворениот дел од затворот во Шутка, таму куче да врзиш, мислам дека за краток период ќе попушти и со здравје и со мозок и со се. Има таму ќелии коишто се под секое човечко, не достоинство, па тоа на филм јас немав видено во одредени ќелии каде што влегов, сега се наежив повторно, тоа е под секое човечко достоинство“, рече в.д директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов.

Покрај бегствата во Шутка, неодамна директорот на затворот во Струмица изјави дека оттаму избегале 23 затвореници, но Пандов тврди дека тие не биле евидентирани навреме, односно 18 избегале во 2020, а другите во текот на 2024 година. Според Пандов и директорот на затворот Идризово Зоран Јовановски, најголем дел од овие бегства не се класични кога затвореник ќе совлада препрека и ќе се даде во бегство, туку станува збор за случаи на бегства кога затворениците ги злоупотребуваат дадените подобности.

„Терминот бегство што го кажуваат во Македонија се однесува на лица кои добиле регуларен третман и се стекнале со некои поволности, односно викенд, годишен одмор или седум часа отсуство и ја имаат злоупотребено таа поволност и се немаат вратено во установата. Во затворот Идризово, од кога постои до денеска имаме околу 111 такви наречени бегства“, рече Зоран Јовановски, директор на КПД Идризово.

Инаку Пандов и Јовановски денеска го пуштија во употреба реновираното петто одделение во затворот Идрозово, во кое пак ќе може да се сместат 100 затвореници во подобри услови од порано. Директорот Јовановски потенцираше и дека средствата за обновување на ова затворско крило се добиени од донации.

Михаило Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button