Папранику по втор пат даваше исказ во полиција

Адвокатот од Скопје, Антонио Апостолски ќе биде правен застапник на ексдиректорот на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами, во случајот со злоупотребите во оваа институција во кој токму Бајрами е првоосомничен. Бајрами и натаму останува недостапен за надлежните органи во земјава, иако судот му определи мерка 30-дневен притвор веднаш откако ќе биде обезбеден. Апостолски во телефонски разговор за Алсат вели дека Бајрами не е во бегство, туку веќе неколку месеци е преселен и не живее во Македонија.
„Денеска добив полномошно да го застапувам Бајрами, а бев ангажиран од член на неговото семејство. Бајрами не е во бегство, туку тој е преселен надвор од Македонија од пред неколку месеци. Најпрво ќе побараме увид во предметот, да видиме за што точно е обвинет, па понатаму ќе постапуваме“, рече адвокатот Апостолски.
Покрај Бајрами, надвор од земјава е и поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е второосомничен во истиот случај. Правен застапник на Груби ќе биде адвокатот Владимир Доневски, но тој не одговори на нашите повици. За бегството на Груби во Косово пак, во земјава се води активна истрага, а денеска по вторпат на распит во полициската станица Карпош беше повикан почесниот конзул на Косово во Македонија, Арсим Папранику, кој е осомничен дека со своето возило со дипломатски таблички го превезол Груби до Косово, непосредно пред почетокот на полициската акција. Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесен е предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност кај двајца полицајци на Граничниот премин „Долно Блаце“, за кршење на работната дисциплина.
„Се надеваме дека грешката или пропустот не бил намерен од страна на граничната полиција, спроведуваме и внатрешната контрола на терен, која е одговорна за ова и нормално доколку има такви податоци кои ќе укажат дека имало намерна тенденција тој да биде пуштен, тогаш нормално ќе преземеме мерки како министерство за внатрешни работи“, рече Астрит Исени, заменик министер за внатрешни работи.
За Груби и Бајрами полицијата веќе распиша меѓународни потерници, а во случајот за злоупотреби во Државна Лотарија со што е направена штета од над осум милиони евра опфатени се и поранешниот премиер Димитар Ковачевски како и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски. Покрај Бајрами, притвор во времетраење од 30 дена е определен и за Артан Груби, од моментот кога тој ќе биде вратен назад во земјава.
Михајло Донев