Парадокс во здравството-болниците немаат опрема, а скапи апарати не се користат

Инвестиции од десетици милиони евра во современа медицинска опрема, а голем дел од неа воопшто не е ставена во функција или пак не се користи доволно. Причините за ова се должат на сериозен недостиг на стручен кадар во болниците, недоволна едукација и несоодветни простории за чување на опремата, покажува најнови ревизорски извештај.
Државен завод за ревизија:
„Поради необезбедени кадровски и просторни услови, опрема во вредност од 13 милиони евра и понатаму не е ставена во употреба. Исто така, опрема со вредност од над 5,5 милиони евра не се користи во полн капацитет, ниту пак се искористуваат дополнителните функционалности“.
Покрај тоа што не се користи опремата која ја има, ревизорите утврдиле дека во одредени болници ширум земјава и натаму постои реален недостаток од опрема, но и потреба за обуки на вработените за управување со опремата која веќе им е достапна.
Државен завод за ревизија:
„Поради ограничени буџетски средства, не е набавена дополнителна опрема потребна за користење на сите нејзини функционалности. За дел од набавените апарати е обезбедена основна обука од производителот, но потребна и е дополнителна специјализирана обука за одредени здравствени работници за да можат во целост да ја користат опремата“.
На крајот од ревизијата, меѓу другото, ревизорите ја утврдиле и потребата од подобрување на регулативата за доуредување на прашања поврзани со користењето на медицинската опрема, како и за зајакнување на капацитетите во институциите задолжени за следење и евидентирање на состојбата медицинската опрема во јавните здравствени установи.
Михаило Донев