ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Паралелни институции во борба против криминалот

Одделението за борба против сериозен и сложен криминал во рамките на скопското Јавно обвинителство веќе функционира и за истото е донесен годишен распоред, велат од Обвинителството за Алсат. Ова одделение ќе треба да се справува со предмети кои вклучуваат сериозен и сложен криминалитет, но во рамките на ОЈО веќе постои и одделението за борба против организиран криминал и корупција. Сепак, од Обвинителството објаснуваат дека двете одделенија ќе имаат различна функција со клучни разлики во нивното работење.

Advertisements

Основно Јавно Обвинителство:

Не станува збор за паралелно обвинителство или пандан на друго обвинителство, бидејќи стварната надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е предвидена во законот за јавното обвинителство. Одделението за сериозен и сложен криминал ќе постапува по сложени предмети во надлежност на ОЈО Скопје, а предметите по кои ќе постапува ова одделение ќе се одредуваат согласно критериумите кои беа наведени во објавеното соопштение.

Поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, не ја гледа причината за создавање на вакво одделение, кое се коси со работата на веќе постоечкото одделение за борба против организиран криминал.

„Мое лично мислење е дека ова е паралелна институција. Од друга страна во Основното Обвинителство Скопје како најголемо обвинителство во државата и досега постоеја одделенија. Не знам која ќе му биде функцијата и улогата. Тогаш, дали треба обвинителството за гонење организиран криминал и коурпција да биде укинато, да не постои? Затоа што во самиот назив на тоа обвинителство стои организиран криминал и корупција и што значи ова, на мала врата дека му се земаат сите ингиренции? Па зошто, која е причината за негово опстојување?“, вели Русковска.

Новото одделение за борба против сериозен и сложен криминал е финансирано од буџетот на Јавното Обвинителство, иако од таму не открија за која сума станува збор, но истакнуваат дека неколку меѓународни донатори веќе изразиле подготвеност за донации на опрема и други средства. Со одделението раководи јавниот обвинител Владимир Милошески, а покрај него се распоредени уште седум јавни обвинители од скопското обвинителство.

Михаило Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button