Партиите и денеска за „враќањето на Груевски“

Груевски мора да се врати за да се соочи со правдата, вели премиерот Димитар Ковачевски запрашан за постепеното пропаѓање на судските предмети за поранешниот премиер, што е резултат на измените во Кривичниот законик што ги направи власта. Сепак, според Ковачевски, темата за враќањето на Груевски во јавното мислење е погрешно поставена.
Албанската опозиција пак, ја обвинува ДУИ дека работи на враќање на поранешниот премиер.
„Не треба да си аналитичар или политичар за да сфатиш дека оваа промена на Кривичниот законик е направена само и само во служба на Груевски, Мијалков, Јанкуловска и сличните на нив. За нас не е изненадување што љубовта на Ахмети кон Груевски е голема. Тоа го разбираме од памтивек и го докажавме, како што и самиот изјави дека Груевски не бил лош, туку таков го претставувала медиумската пропаганда, но сакаме оваа љубов на Ахмети да ја преточиме во поточни параметри. Сакаме да знаеме колку години затвор Ахмети му прости на Груевски со измената на Кривичниот законик?“, рече Фатмир Сабриу, Движење Беса, Европски сојуз за промени.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со измените во Кривичниот законик власта имала намера да амнестира криминалци од нивните редови кои за време на актуелната власт злоупотребиле јавна функција.
Фатлуме Дервиши