Партиите меѓусбено се обвинуваат кој е за ЕУ, а кој против

ВМРО-ДПМНЕ предлага да се откажеме од европската иднина, обвинија социјалдемократите, додавајќи дека чекањето до членство во Унијата е превисока цена. Според СДСМ, на претстојните избори ќе се бира меѓу интеграција и изолација на земјата.
„Вистинскиот пат за државата и за граѓаните е европската иднина. Овој пат не е лесен, но е реален и дава вистинска надеж за суштински промени. Единствениот вистински начин да ја промениме нашата земја на подобро зависи од континуираните реформи кои водат кон членство во ЕУ“, велат од СДСМ.
На дилемата што ја поставија од владејачката партија денеска одговори претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, станува збор за лага и истакна дека со тоа што власта го прифатила францускиот предлог се отворила можност за нови условувања, што ќе го направи патот кон ЕУ невозможен.
„Граѓаните мора јасно да знаат. Овие избори се за одлука во којашто ќе бираат од едната страна, групата на Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Зечевиќ, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски, а од другата страна е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Секоја, условно кажано, трета опција или седење дома е директно гласање за првата група“, рече Мицкоски.
Во однос на евроинтеграцијата, Мицкоски кажа дека наредната Влада ќе била подготвена да седне и да разговара со Брисел, Софија и секој што е заинтересиран, но врз основа на европските Копенхашки критериуми и човековите права. Според него, потребно е трајно решение.
„Ние мора да знаеме како граѓаните на Република Македонија што е она што вистински Европа планира со Македонија, а не да бара изговори. Треба конечно Европа да му каже на овој народ што е тоа што вистински планира со овој народ, а не да бидеме предмет на дневна политика и политиканство. Ние сме за вистински европски вредности“, додаде Мицкоски.
Зборувајќи за кандидатските листи за претстојните избори, Мицкоски повтори дека тој ќе биде носител во првата изборна единица, во двојката ќе биде потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, во тројката пратеникот Драган Ковачки, во четвртата изборна единица носител ќе биде Александар Николовски, а во шестката пратеничката Дафина Стојановска. Партијата сѐ уште нема одлука за носител во петтата изборна единица.
Лука Андреев