ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Партиите меѓусебно се обвинуваат за случајот „Груби“

Артан Груби и понатаму е „ јаболко на раздорот“ за партиите. ВМРО-ДПМНЕ го повика СДСМ да се извини за, како што велат, фактот што со години имале толеранција и не го осудувале криминалот на поранешниот вицепремиер во бегство. Пратеникот Петрушевски, дури и го обвини СДСМ дека направиле измени во Кривичниот законик, само за да го спасат Артан Груби и оние кои се слични на него.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за „Независен“, истакна дека ДУИ е симбол на корупцијата и неговата партија јасно и недвосмислено се дистанцира.

„СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставена во иста рамка или да биде потчинета на која било друга партија. Стигмата на корупцијата, која оваа партија ја одржува со години, е нешто од што јасно и недвосмислено се дистанцираме. Нивната реторика и континуираното подигнување на етничките тензии, како алатка за политичко дејствување, е неприфатлива и опасна“, рекоа од СДСМ.

Коалицијата ВРЕДИ, од друга страна, побара од ДУИ го исфрли Груби од партијата.

„Го повикуваме раководството на Демократската унија за интеграција да преземе конкретни и видливи мерки за зачувување на стратешкото партнерство на Албанците од Македонија со САД, и да докаже дека Албанците нема да бидат заложници на криминалот. Бараме ДУИ да донесе формална одлука за исклучување на Артан Груби од партиското членство“, рекоа од ВРЕДИ.

Поранешниот вицепремиер Артан Груби речиси еден месец е недостапен за органите на законот. Груби се бара со меѓународна потерница, како и Бајрами, поранешен директор на Државната лотарија, осомничени за оштетување на буџетот од над 8,2 милиони евра. Груби претходно заврши на американската црна листа за корупција и мешање во судските постапки за спасување на Сашо Мијалков.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button