Партиите на Албанците жестоко се судрија околу Предлог законот за државјанство

Опозицијата и власта од редовите на Албанците се судрија во емисијата „Патот Кон“ за потребата од измена на Законот за државјанство. Илире Даути од Алијанса за Албанците вели дека бројот на граѓани кои пријавуваат проблеми со државјанството на платформата државјанство.мк, секој ден се зголемува. Даути ги повика владата и парламентарното мнозинство да одговорат на проблемите на граѓаните.
Врз основа на разговори со разни граѓани кои имаат проблеми со државјанството, мислам дека ги допревме главните прашања што ги решаваат проблемите на граѓаните, но секако, никогаш не сум мислела за ниту еден Предлог закон дека може да биде совршен – изјави Илире Даути, Aлијанса за Албанците.
Заменик министерот за правда Агим Нухиу вели дека предлогот на опозицијата е спротивен на сегашниот Закон за државјанство. Нухиу ја потврди поддршката на ДУИ за предлогот на опозицијата.
Од една страна, тој вели дека сите граѓани кои се најдени на територијата на Северна Македонија и кои имале државјанство на СФРЈ, според сила на законот треба да имаат државјанство. Подолу имате друга одредба во која се вели дека сите овие граѓани треба да поднесат барање до МВР и под условите утврдени со закон, вклучително и тројца сведоци да можат да добијат државјанство – рече Агим Нухиу, заменик министер за правда.
Од Движењето Беса велат дека нивните пратеници го поддржуваат предлогот, но истовремено бараат одговор од Алијанса за Албанците зошто додека биле осум месеци во Владата не предложиле ваков Закон.
На крајот на краиштата 58 гласа има опозицијата и 4 пратеници на Движењето Беса ги има и го поминуваме Законот. Зошто се грижите? Дали сте лобирале кај своите колеги од опозицијата и да кажете колку постигнавте? Во овој случај може да помине, без оглед дали владата го поддржува или не – нагласи Кастриот Реџепи, пратеник на Движењето Беса.
Предлог законот за државјанство беше доставен до Собранието кон средината на декември. Оттогаш, опозицијата бара свикување на работно тело во Комисијата за политички систем, но точката не е ставена на седниците на оваа комисија. Опозицијата од редовите на Македонците јавно кажа дека се против Законот, а СДСМ најави нов Закон за државјанство.
Адриан Керими