ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Партиите се подготвуваат за локални избори во сенка на трагедијата во Кочани и на глобалните промени

Подготовките за локалните избори во октомври 2025 паднаа во сенка на трагедијата во Кочани и на вестите за глобалните светски промени. Засега, април полека, но сигурно станува месец на политички турбуленции и промени во политичките кампуси во земјава.

Advertisements

Македонскиот политички блок ги интензивира активностите за локалните избори, вклучувајќи ги тука и внимателно избраните медиумски објави за тоа кој што направил или не направил, додека кај албанскиот кампус има политички турбуленции.

И владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и опозициските СДСМ и Левица, но и помалите партии, прават анализи во своите редови за да ги дефинираат можните кандидати за градоначалници и за советничките листи.

ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ имаат и работни групи кои меѓусебно разговараа за поддршка на локалните избори, но засега нема информации колку градоначалнички места би земала ЗНАМ, но според изјавите на нивни официјални претставници, партијата сериозно типува на Куманово. Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека сериозен број од нивните актуелни градоначалници би можеле да се кандидираат за втор мандат, но од обете партии наведуваат дека сепак крајниот збор ќе го имаат органите на партиите. Во однос на советничките листи, и ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ќе имаат свои советнички листи. Очекувањата се дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има советнички листи во сите општини, додека од ЗНАМ велат дека тоа ќе биде само онаму каде што тие имаат свои општински организации.

За локалните избори во октомври се подготвуваат и опозициските СДСМ и Левица. СДСМ веќе го реизбра Венко Филипче за лидер на партијата и ги консолидира редовите. Нивните партиски претставници се на терен меѓу членството и се прават анализи.

Од Левица најавуваат самостоен настап, кандидати за градоначалници во поголемите градови, но очекуваат и подобар резултат од минатите парламентарни и локални избори.

После неколку изјави на лидерите од коалицијата Вреди очигледни се несогласувањата во коалицијата. Лидерите на Демократското движење Изет Меџити, на Беса Биљал Касами и на Алтернатива Зеќирија Ибрахими придружени од министри, пратеници и други функционери на партиите од коалицијата Вреди вчера одржаа состанок на кој известија дека заеднички ќе настапат на локалните избори, додека за одлуката да одат со самостојни советнички листи на Алијансата на Албанците и на Арбен Таравари, кој е истовремено и министер за здравство, беше посочено дека е за поделба на коалицијата и во корист на ДУИ. Меџити на прес-конференција рече дека Таравари се самоисклучил од Вреди и дека за неколку дена ќе соопштат дали ќе бараат и негово разрешување од министерската функција.

ДУИ, пак, се обидува да се консолидира по апсењето на некои нејзини членови и обвинувања за корупција.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button