Партиите заборавија на реформи во медиумите
Партиите заборавија на реформи во медиумите

„Владата ќе продолжи да инсистира пратениците без одлагање во првата половина на 2022 година во Собранието да го финализираат процесот за избор на членовите на органите на управување на МРТВ и Агенцијата за медиуми…“ – Програма на Владата на Ковачевски.
Ова ветување на Владата не се исполни ниту во овој мандат. Тоа остана нереализирано и во двата мандата на владата на Заев. Реформите во медиумите беа меѓу главните прашања на Договорот од Пржино, услов со кој партијата на Заев дојде на власт. Ветувањето на партиите во Пржино беше дека реформите почнуваат од двете најважни институции. Законските измени за избор на нови членови на програмскиот совет на МРТВ и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги беа одобрени на крајот на 2018 година. Шест месеци подоцна двете институции требаше да имаат нови членови, со нов работен план и стратегија. Конкурсот беше откажан и повторно објавен во 2021 година. Оттогаш оваа точка никогаш не беше отворена за расправа во Собранието. Спорна е легитимноста на досегашните членови во двете институции. Ниту во СДСМ не знаат дали конкурсот ќе се повтори по трет пат.
Во меѓувреме, од ВМРО ДПМНЕ велат дека власта е таа што одбива да разговара за реформи во медиумите.
Во интервју за Алсат, поранешниот посредник на Пржинскиот договор, од каде што произлегоа овие реформи, вели дека е важно медиумите да бидат длабоко реформирани.
„Прво ја имаме државната телевизија која треба соодветно да се реформира како навистина независна телевизија и да биде центар за сè што треба да се каже и види во државата. Ова е минимално за национална државна телевизија. Од друга страна се другите медиуми и мислам дека тука е многу важно да се одвои политичкото влијание од медиумите. Медиумите во сите случаи, дури и кога се приватни или државни, мора да бидат независни“, рече Питер Ванхојте, Поранешен посредник во Договорот од Пржино.
Одговорноста, вели Ванхојте е кај сите политички партии.
„Не е само владата, туку и сите политички партии. Сите тие во Парламентот мора пред сè да се согласат: Да, да направиме суштинска реформа во медиумите“, додаде тој.
Недостигот од реформи во медиумите се повторува и во извештаите на Европската комисија за напредокот, како еден од столбовите на демократијата каде земјава има застој.
„Сè уште ја гледам истата динамика, истите проблеми. Многу ми е мило да кажам дека вие како Алсат сте исклучок во овој поглед. Секогаш кога зборувам за ова, ве фалам за високото ниво на независност и квалитетот на информациите што ги давате. Сите медиуми треба да го прават тоа“, нагласи Питер Ванхојте, Поранешен посредник во Договорот од Пржино./Alsat.mk
Фатлуме Дервиши