МАКЕДОНИЈА

Партијата на Палевски и понатаму функционира, нема предлог за бришење

Политичката партија „Десна“ чиј претседател беше Љупчо Палевски Палчо продолжува непречено да функционира и покрај повиците за нејзина дерегистрација. Регистарот на партии го води Основниот граѓански суд, од каде информираат дека ниту една надлежна институција не побарала бришење на „Десна“.

Advertisements

„До Основниот граѓански суд Скопје, кој го води Регистерот на политички партии, до моментот на давањето на оваа информација не се пристигнати предлози од надлежни институции поврзани со бришење на политичката партија „Десна“. Судот има извршено неколку бришења на политички партии, а последното бришење е извршено на ден 26.09.2023 година. Најчести причини за бришење на политичките партии е неусогласување на истите согласно Законот за политички партии“, наведуваат од Основниот граѓански суд Скопје.

Една од можностите за бришење на партија од овој Регистар е кога Уставниот суд би утврдил дека програмата или статутот на политичката партија не се во согласност со Уставот. Засега, до Уставниот суд не е покрената иницијатива за партијата „Десна“. Неодамна, во телевизиско интервју претседателот Стево Пендаровски рече дека партијата треба да се избрише, таа не постапува според она што го декларирала и заговарала процеси кои се против уставниот поредок на државата. Бришење на десничарската партија на чие чело беше Палчо, прв побара министерот Оливер Спасовски.

„Мирот, стабилноста, сигурноста не може никој да ја загрозува. Вакво криминално гнездо мора да се разбие до крај и такви политички партии коишто со не знам какви провиниенции ова го прават, како што е таа што е формирана, таа мора да биде дерегистрирана“, рече Спасовски.

По грозоморните убиства, на фејсбук профилот на партијата „Десна“ беше објавено дека согласно Статутот на партијата, ќе бидат замрзнати членството, функциите и активностите на, како што велат, обвинетите, до крајот на процесот. Оттогаш па наваму не се забележуваат нови активности на нивниот фејсбук профил, а партијата нема ниту веб-страница на која би можеле да се најдат Статутот и програмата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button