Партиски препукувања на ВМРО и СДСМ за струјата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не запира со обвинувањата кон власта дека нестручноста на кадри на Илинденска број два и на државните енергетски компании се висинските виновници за моменталната енергетска криза во Македонија. Според опозиционерите, прогласувањето на нова кризна состојба во енергетиката и греењето во Скопје е за да нема одговорност кога нема да се произведат потребните количини на домашна струја. Поради тоа, државата ќе треба да троши многу пари за скап увоз. Но, од СДСМ возвратија дека цената на струјата во времето на Мицкоски се зголемила за 100 проценти кога тој бил директор во ЕЛЕМ и оти немало инвестиции во енергетски капацитети.
„На депонијата во РЕК Битола нема резерви на јаглен. Според нашите информации, моментално има само 90.000 тони мешавина на земја и јаглен. Калоричната вредност на оваа мешавина е една третина од нормалниот јаглен што значи дека на депонијата има еквивалент на 30.000 тони јаглен. Тоа е доволно за работа за неколку дена со силна поддршка на согорување со мазут. Само за споредба кога ВМРО-ДПМНЕ управуваше со ова претпријатие количините на јаглен на депонијата беа околу 400.000 тони“, рече Марија Митева, ВМРО-ДПМНЕ.