Партиски реакции по одлуката на Уставен за балансерот

Постапката за оценување на уставноста на балансерот ги судри политичките партии. Европскиот фронт ја обвини владата на Христијан Мицкоски дека ги мајоризира Албанците, а со помош на ВРЕДИ, ја реализира владината програма за укинување на балансерот, а потоа и на Бадентер.
Зијадин Села, пратеник од Европскиот фронт:
„Ова треба да ги загрижи сите граѓани, бидејќи тоа не е само одлука на Уставниот суд, туку е политичко најавување на премиерот Христијан Мицкоски, уште пред една година кога се разговараше за уставните измени и кога се отвори темата за дефинирање на албанскиот јазик, тој најави дека бадентерот и балансерот ќе се укинат“.
Од СДСМ велат дека не се мешаат во работата на Уставниот суд, туку бараат Христијан Мицкоски и Максим Димитриевски да го исполнат предизборното ветување.
СДСМ:
„Одлуката на Уставниот суд ќе му ги отвори вратите на Мицкоски да најде модел зансован на заслуги почитувајќи ја и етничката припадност. Мицкоски и Димитриевски ветуваа систем на заслуги во текот на целата изборна кампања, и сега топката е на нивна страна. “
ВРЕДИ го обвинува Уставен суд. Според нив, сите судии се избрани со поддршка и гласови на ДУИ. Тие најавуваат дека се работи на ново законско решение.
Коалицијата ВРЕДИ:
„Би сакале да ја информираме јавноста дека сите судии, без исклучок или каква било припадност, се избрани со гласовите на ДУИ во претходните мандати. ДУИ ги поддржа сите оние кои покренаа постапка против таканаречениот балансер. ВРЕДИ сега работи на решавање на проблемот на правична застапеност на Албанците во институциите, но соодветно систематизирано и кодифицирано. ВРЕДИ ќе го реши овој проблем со нов закон кој веќе е во процес на подготовка. “
ВМРО-ДПМНЕ бара да не се врши притисок врз судот кој го штити највисокиот правен акт во државата. Нивната изборна програма посебно го нагласува укинувањето на балансерот како единствен механизам според нив за стигнување до меритократијата и оценување на индивидуалните квалитети. Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на балансерот по иницијатива на поранешата Комисија за спречување на корупцијата. Во образложението се споменуваше превработеноста во институциите и администрацијата, и злоупотребата со лажното декларирање за етничката припадност.