Партиски реакции за синоќешното сквернавење на македонското знаме

Кинење и сквернавење на македонското знаме беше забележано синоќа за време на прославувањето на Денот на албанското знаме во Скопје.
Јавното обвинителство денеска соопшти дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот.
-Известен е јавен обвинител, се преземаат дејствија за расчистување на настанот, соопштуваат од ЈОРМ.
Политичките партии го осудуваат чинот на сквернавењето на македонското знаме и бараат да бидат откриени сторителите и да бидат казнети по закон.
– Истовремено реагираме на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои веруваме дека има и политичка позадина и кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда. Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
И опозициската СДСМ најостро ги осуди инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме.
-Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество, и секое однесување кое има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности, се посочува во соопштението.
Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски го осуди, како што посочува непочитувањето на Законот за употреба на знамињата од страна на институции и органи и синоќешното уништување и сквернавење на државното и македонско знаме додека се славеше Денот на албанското знаме. Димитриевски потенцира дека тој е за реално мултиетничко општество во кое што сите взаемно ќе се почитуваат со еднакви права и обврски и сите еднакво да бидат одговорни пред закон.
– Истото го очекувам и од моите колеги градоначалници на кои ова не им е прв пат да го кршат законот без да поднесат одговорност. Исто така очекувам јавна осуда на ваквите настани од сите парламентарни и вонпарламентарни партии во Македонија, како и сите претставници на меѓународната заедница, потенцира Димитриевски.
Демократската унија за интеграција (ДУИ), како што се наведува во нивното соопштение, остро ја осудува „полициската интервенција без преседан за време на прославата на Денот на албанското знаме“.
– Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција, наведуваат од партијата.
Истовремено, тие го осудуваат „индивидуалниот чин на палење на државното знаме како реакција на несоодветната интервенција на полицијата“.
– Таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците ниту пак стремежите за стабилна соживот и взаемна почит, се наведува во соопштението.
Ги повикуваат институциите да дејствуваат со зрелост, професионалност и непристрасност, без разлика, и обезбедувајќи ги правата на граѓаните слободно да го изразуваат својот идентитет и култура.
Воедно, ги повикуваме албанските граѓани, како и сите граѓани на Северна Македонија, да ја задржат смиреноста, достоинството и единството, и да не подлегнуваат на провокации и манипулации на оние кои имаат цел да создадат поделби и дестабилизација, се наведува во соопштението.
Од Левица нагласуваат дека иредентизмот што го стимулираат т.н. албански партии и ширењето омраза кон македонската држава ја доживеа својата кулминација.
Освен блокираните улици со колони возила со развеани албански знамиња (меѓу кои и иредентистичкото на „Голема Албанија“), овие толпи „славеа“ со рафални истрели од огнено оружје, газење и палење на македонското знаме и уништување на македонски симболи во некои основни училишта, наведуваат од Левица.
Тие го обвинуваат Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски, дека, како што се наведува, „и покрај сето дивеење по скопските улици и улиците во другите градови каде се „славеше“, не презеде соодветни мерки за спречување и санкционирање на овие инциденти, што укажува на сериозен пропуст во заштитата на јавниот ред и мир“.
Левица бара од надлежните органи итно да спроведат истраги за сите инциденти и тие соодветно да бидат санкционирани.
Македонски концепт бара итна и силна реакција на државата.
Либерално-демократската партија најостро го осудува секој чин на сквернавење на македонското знаме, симболот на нашиот државен суверенитет.
Таквите дејства не само што се навреда кон државата, туку и директно ги поткопуваат основните вредности на соживотот, почитта и граѓанската одговорност. Македонското знаме е симбол на единството и гордоста на сите граѓани, без разлика на нивните политички, етнички или верски убедувања.
Ги повикуваме надлежните институции да спроведат темелна истрага и да ги санкционираат одговорните за овој непромислен и деструктивен чин. Истовремено, апелираме до сите граѓани да покажат зрелост и почит кон државните симболи, кои се заедничко наследство на сите нас.
Сметаме дека еднаш засекогаш треба да излеземе од етничките трла и да бидеме доследни на зачувување на демократските вредности и интегритетот на државата. Да зборуваме за проекти, реформи и подобар стандард за граѓаните, а не за национализам и враќање во минатото.
ЛДП, како и досега, останува доследна во својата посветеност на зачувување на демократските вредности и интегритетот на државата.