Патот кон ЕУ е фрустрирачки, а уште не почнал, рече Мицкоски пред Кошта

„Треба да го испорачаме она за што сме се договориле и веќе нема простор да се бара нешто повеќе“, одговори Кошта на прашањето какви гаранции дава ЕУ за Македонија во однос на евентуални барања од Бугарија.
На ова одговори и премиерот Христијан Мицкоски.
„Не можеме ние да менуваме Устав по којзнае кој пат, а без да имаме јасна порака и испорака од бугарската страна. Никој кај нас нема проблем да како дел од преамбулата ги вметне Хрватите, Црногорците, Словенците и останатите. Затоа што имаме принципиелен однос со тие држави. Дури ни Португалците, Шпанците, Французите. Немаме ние таков проблем, не сме таква Влада, такви граѓани или таков народ…Јас очекувам процес на двонасочна улица ако е тоа возможно. Доста ние како држава направивме во името на тие европски интеграции и во името на европската иднина. Менувавме знаме, менувавме име, Устав како никој до сега. Да, фрустрирачки е патот и тежок, но за нас е исклучително фрустрирачки и тежок и уште не почнал. Уште се наоѓаме онаму каде бевме пред 20 години“, посочи Мицкоски.