Павле Трајанов нуди предлог за надминување на кризата

Пратеникот и претседател на Демократски сојуз, Павле Трајанов понуди предлог за надминување на состојбата и повика зад неговите три барања да застанат сите политички партии. Слично како и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ и Трајанов бара дополнителни гаранции од Европската Унија за македонскиот идентитет. Претходно пак, од Брисел неколку пати истакнаа дека нема расположение за повторни преговори или нови заклучоци за Македонија.
Трајанов би ги поддржал уставните измени, ако ЕУ ја задолжи Бугарија да имплементира пресуди од Судот во Стразбур за македонското малцинство, ако се донесе одлука дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик по приемот во Унијата и ако од преговарачката рамка се изостават билатерални прашања. Токму францускиот предлог беше дел од причините Трајанов да ја напушти владејачката коалиција и на пленарната седница во петокот гласаше против точката за отворање на Уставот.
„Историските, образовните и други прашања поврзани со идентитетот на Македонците апсолутно не можат да бидат основа за блокада на Бугарија. Ако во јавноста тврдат претставници на ЕУ, нашите министри и Ковачевски дека тие билатерални прашања нема да бидат основа за повторна блокада од Бугарија, тогаш тоа нека го констатираат со одлука на Европската Комисија, односно со одлука на Советот на ЕУ“, вели Трајанов.