Пендаровски прифаќа замена на формулацијата 20% за јазикот

Претседателот Стево Пендаровски прифаќа да се замени формулацијата „20 проценти“ со терминот „албански јазик“ во Уставот. Тој денеска од Тетово истакна дека тој прв би ја поддржал таквата идеја. Претходно од владините лица пак, единствено министерот за правда Кренар Лога ја спомена ваквата можност кога веќе би се отворал Уставот, но партнерите од владејачката коалиција порачаа уставните измени да се задржат на внесот на заедниците.
„Прв би поддржал, бидејќи мислам дека тоа е природна нормална работа. Зошто нечиј етнички идентитет, кој е јасен и неспорен за секого, би го криеле зад бројки?“, рече Пендаровски.
Пендаровски исто така кажа дека е подготвен да биде домаќин на лидерска средба за уставните измени, но, како што кажа, тој не може да натера никого на сила да разговара. Претседателот појасни дека од една страна, опозицијата би сакала на маса да се најде предлогот за промена на Уставот по хрватски модел, а другата страна настојува да се разговара само за внесот на Бугарите, па оттаму таквата лидерска средба засега е невозможна.
Во меѓувреме, разговорите за уставните измени се очекува единствено да започнат да се водат во работната група што ја иницираше Министерството за правда. Оттаму се уште не го објавија финалниот список на членови, односно експертите по уставно право кои би зеле учество на нивна покана.
„Откако тоа ќе го направи Министерството за правда, тогаш ќе започне практичната работа на комисијата, којашто ќе треба да ги изработи амандманите и коишто потоа ќе бидат доставени до Владата и ќе влезат во собраниска процедура“, рече Ковачевски.
Премиерот Димитар Ковачевски повтори дека последниот збор ќе го имаат пратениците и порача тие да имаат демократски капацитет и визија за европската иднина на државата.
Лука Андреев