Пендаровски бара казни поради знамињата на собирите со Албин Курти

Претседателот Стево Пендаровски бара санкционирање на организаторите на активностите во Чаир и Тетово при посетата на премиерот на Косово, Албин Курти, поради кршење на законите во државава. Истакнувањето на провокативна националистичка иконографија која промовира шовинистички идеи за големи држави претставува поттикнување на омраза и етничка нетрпеливост, што недвосмислено ги напаѓа основните принципи и вредности на Рамковниот договор, како и концептот на Македонија како мултиетничка држава, се наведува во неговата реакција.
„Организаторите на јавните собири во Тетово и Чаир треба да бидат законски санкционирани за прекршување на законските одредби за употреба на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, целосно игнорирајќи ги симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкраток можен рок да ги спроведат горенаведените постапки“, рече Пендаровски.
Пендаровски бара и да се преиспита одлуката за преименување на улицата во Чаир со новото име „Адем Демачи“.
„Начинот на реализација на идејата за преименување на улицата во Општина Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата. Во оваа смисла очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при одлучувањето е почитуван принципот на гласање со двојно мнозинство каде треба да се вклучат и гласовите на заедниците кои не се мнозинство во таа општина“, додаде Пендаровски.
Во меѓувреме, слични реакции продолжија и на социјалните мрежи, но и на политичките партии. СДСМ бара одговори од Мицкоски.
„Христијан Мицкоски да не се крие, да излезе пред јавноста и да одговара за настаните во Скопје и Тетово организирани од неформалните коалициски партнери на Мицкоски и ДПМНЕ“, наведоа од СДСМ.
Но, ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од СДСМ.
„Демачи нема никаква врска со историјата на државата, ниту со Скопје, напротив, тој е познат по своите националистички ставови кон странските земји. Бидејќи ниту ДУИ ниту СДС не знаеле дека премиерот на Косово ќе дојде во посета на земјава, тогаш кој дал дозвола за негово полициско обезбедување?“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Курти во Скопје и Тетово се сретна само со политичари од албанскиот опозициски Фронт, а со ниту еден од редовите на власта. Тие заедно го претставија новото име на улицата Адем Демачи во општина Чаир, која претходно се викаше Втора македонска ударна бригада. Потоа разговараа за проектот за изградба на патот Тетово-Призрен под Шар Планина.
Фатлуме Дервиши