Пендаровски: Барањето на Софија, скандалозно

Остануваат уште четири дена до комплетирање на работната група за уставните измени, но скратувањето на роковите не влијаеше ВМРО-ДПМНЕ да го смени ставот за неучество. Министерството за правда до 10 април ќе чека парламентарните партии да именуваат свои политички претставници, додека во оваа група се поканети и познавачи на уставната материја.
Претседателот Стево Пендаровски го оцени како скандалозно барањето на Софија да биде дел од работните групи за уставни измени кај нас.
Реакцијата на претседателот дојде откако бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков изјави дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана за процедурата за воведување на Бугарите во Уставот на земјата.
Официјална Софија веќе доби негативен одговор од институциите кај нас; нема место во работната група за измена на Уставот. Ова го потврди и премиерот Ковачевски.
Во меѓувреме, на средбата со шефот на мисијата на ОБСЕ, Килијан Вал, шефот на ДУИ, Али Ахмети, најави дека владината коалиција ги започнала подготовките за уставните измени и изготвила план за нивна реализација.
Фатлуме Дервиши