Пендаровски: Барањето на ВМРО за одложено дејство на уставните промени е нереално

Според претседателот Стево Пендаровски сите знаат дека е нереално барањето на ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да се усвојат периодов, а да стапат во сила пред зачленувањето во Европската Унија. Претседателот се надева дека ова барање на опозициската партија не претставува само изговор за да не се влезе во процесот на уставните измени.
„Според мене, тоа е апсолутно надвор од реалноста. И јас би сакал такво нешто, меѓутоа заклучоците на Советот се кристално јасни – мора да направите уставни промени до крајот на скрининг процесот за по автоматизам да продолжите со Втората конференција и отворање на кластерите“, рече Пендаровски.
Пендаровски потсети дека заклучоците на Советот на ЕУ минатата година биле усвоени со консензус и нив ги прифатиле сите земји-членки, вклучувајќи ја и Бугарија.
„Треба да имаме нови заклучоци, а вие знаете колку тешко тие дојдоа во тоа време до целосен консензус, за да можеме да разговараме воопшто дека е можно да ги усвоиме уставните измени денес, а тие да имаат одложено дејство за две, три, пет или колку и години да бидат неопходни за преговорите“, додаде Пендаровски.
Вчера од Делегацијата на ЕУ во земјава потсетија дека се јасни заклучоците на Советот. Во нив се предвидува прво да се комплетираат уставните измени, а потоа да се одржи втората меѓувладина конференција. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, истакнаа дека партнерството подразбира двонасочна улица. Партијата вчера повтори дека одложената примена на уставните измени е нивна последна и конечна позиција, а доколку ЕУ навистина сака да ја види Македонија зачленета, тогаш овој предлог е добра основа за компромис и продолжување на процесот.
Лука Андреев