Пендаровски бил консултиран за амнестија на Груевски

Претседателот Стево Пендаровски бил консултиран за можноста да го амнестира екс-премиерот Никола Груевски. Не одговори од кого. Шефот на државата е категоричен дека тој нема да го амнестира Груевски. Во интервју за ТВ24, Пендаровски истакна дека иако има такво право во согласност со Уставот, тој, како што вели, не бил ниту султан, ниту монарх за да одлучува за прашања за кои има судски постапки.
„На едно неформално ниво, пред седум-осум месеци, некои актери од политичката сцена ме консултираа што мислам за таа можност. Јас реков децидно дека тоа не би го направил никогаш бидејќи тоа би било рушење на правната држава“, порача Пендаровски.
Од матичната партија на Груевски пак, побараа Пендаровски да одговори кој зборувал со него за евентуална амнестија на екс-премиерот.
„Пендаровски веќе денеска мора да одговори кој тоа барал од него амнестија? Пендаровски вели дека бил, цитирам: консултиран од некои актери на политичката сцена за амнестија, па затоа сега мора да биде прецизен и јасен и да наведе кој тоа од политиката го консултирал Пендаровски пред неколку месеци во однос на амнестија“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Веќе подолг период дел од јавноста, особено албанскиот опозициски фронт, обвинува дека зад измените на Кривичниот законик стои политички договор, со кој ќе се овозможи враќање на Никола Груевски во земјава. Во замена, тој би издејствувал да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени. Претседателот на опозициската Алтернатива, Африм Гаши неодамна дури спомена и дека претставници на Министерството за правда заминале за Будимпешта, каде заедно со Груевски ги кроеле измените на Кривичниот законик. Претходно, премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашањето дали има политички пазар во позадина, кажа дека измените не се правени наменски за некого или за нешто. Според Ковачевски, измените на Кривичниот законик се веќе во сила и ништо драматично не се случило.
Лука Андреев