Пендаровски: Да ги надминеме недоразбирањата
Пендаровски: Да ги надминеме недоразбирањата

Претседателот Стево Пендаровски ја оцени 2023 како тешка година во која немало многу причини за радост и славење. Поради глобалните кризи и домашните проблеми, додава претседателот, постојат апатија и разочараност кај граѓаните, но и во најтешките времиња не биле загубени вербата и надежта.
„Потребно е да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот. Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница. Да ги надминеме недоразбирањата кои со години нè држат во место. Наместо на трката по материјални добра, да ѝ дадеме приоритет на добрината“, рече Стево Пендаровски – претседател.
Во новогодишните честитки владините функционери пак, акцентот го ставија на евроинтеграцијата и економскиот напредок. Вчера премиерот Димитар Ковачевски кажа дека е оптимист и дека постојат луѓе со енергија кои можат да го изодат патот до полноправно членство во Унијата. Денеска пак, првиот вицепремиер Артан Груби повика на обединување околу европскиот фронт. Тој во обраќањето вели дека 2024 ќе биде година со голем предизвик.
„Годината што е пред нас е година со голем предизвик, предизвикот на битката меѓу Русија и нашата евро-американска припадност. Ние сите заедно секогаш стоевме цврсто и не дозволивме нашата западна припадност да биде компромитирана од ниту една агенда, затоа го започнавме и формирањето на европскиот фронт и подадовме рака на соработка. Да се обединиме, да станеме едно и гарант за евро-американската иднина на нашата земја“, нагласи Артан Груби – прв вицепремиер.
Додека власта очекува година со предизвици, опозицијата најавува година на промени. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека граѓаните минале низ тешки времиња и посака обновување на Македонија, додека пак Изет Меџити од Европското движење за промени повика да се стави крај на, како што вели, лошото владеење.
„Имаме сила за големи успеси и квалитет во 2024 година да создадеме иднина во која секој ќе се чувствува подобро. Ќе има повисок стандард, ќе има ред и поредок, морал и правда, промоција на националните и државни интереси“, рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозиционерите, 2023 година ќе остане запаметена како година на целосен неуспех на актуелната власт./Алсат.мк
Лука Андрев