Пендаровски: Дијаспората да продолжи да лобира за заокружување на нашите европски интеграции

Независноста на државата, демократијата и мултиетничката коегзистенција, се трите најголеми македонски достигнувања, а дијаспората има значаен удел во секое од нив. Најголемата инвестиција што ја носат иселениците тука, се евроатлантските демократски вредности и принципи на работа, културата на почитување на законите и претприемачкиот дух. Неспорен е фактот дека голем дел од придобивките и добрите практики што ги имаме, се донесени токму благодарение на успешните сонародници, желни да ја видат својата прва татковина успешна и развиена, рече денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на првиот Македонски симпозиум што го организира Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во Скопје.
Како што истакна Пендаровски, борбата на илинденците и на учесниците во НОБ беше за слобода и за човечки правдини, а нашата борба во 21-от век е за развиена и просперитетна македонска држава во која граѓаните ќе имаат шанса да ги остварат своите животни идеали.