Пендаровски и Османи ќе решаваат за амбасадорувањето на Виктор Димовски

Од консултациите на претседателот Стево Пендаровски со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи за испразнетите места во амбасадите, ќе се знае и судбината на Виктор Димовски за во Париз. И покрај скандалот со државјанството на рускиот шпион Олександер Онишченко додека Димовски беше директор на АНБ, Владата не го смета тоа како аргумент за политички да го казни. Министерот за надворешни работи ја очекува средбата кај претседателот.
„Зависи кога претседателот ќе ја свика средбата. Се договоривме консултациите да почнат од денеска“, рече Османи.
Од кабинетот на Пендаровски за Алсат велат дека нема да има една средба, туку низа консултации бидејќи испразнетите места мора да се пополнат, вклучително и други кадровски решенија во амбасадите. Димовски сè уште не ја поминал фазата на интервју во Собрание. Собраниската комисија за надворешна политика не е свикана со месеци, додека за Димовски како основа за неговото интервју ќе биде земен записникот од работата на Комисијата за надзор на работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање. Виктор Димовски во својата кариера, покрај дипломат, ја извршуваше и функцијата директор на Агенцијата за разузнавање три години како директор на АНБ од нејзиното формирање.
Неговиот багаж во АНБ потсетува на илјадници необработени барања за државјанство, илјадници неодобрени безбедносни сертификати, неправедна и несоодветна застапеност во институцијата, нецелосно одвојување на АНБ од Министерството за внатрешни работи, иако за тоа беше одреден посебен објект и на крајот потпишувањето на државјанство на Олександер Онишченко. Овој руски шпион беше и е на американската црна листа и криминалец со меѓународна потерница од неговата земја Украина, поради сомневање за злоупотреба на над 100 милиони евра европски фондови.
Адриан Керими