Пендаровски: Логична е изјавата на Рама за издвојување

Руската инвазија во Украина треба да доведе до пресвртница во односот на Брисел кон земјите од Западен Балкан, порача претседателот Стево Пендаровски, при посетата на Црна Гора. Тој рече дека очекува Брисел веднаш да донесе стратешки одлуки. Во овој контекст, Пендаровски на новинарско прашање, ја коментираше и изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, дека Албанија ќе побара одвојување од Македонија доколку во јуни земјата остане блокирана.
„Логично е, ако ние и понатаму продолжиме да бидеме блокирани од страна на Бугарија, дека другите земји кандидати нема да сакаат својата судбина, својот пат кон европските интеграции да ги врзуваат со било кој друг, вклучително и со нас. Не гледам ништо спорно во изјавата на господинот Рама“, рече Пендаровски.
Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн, вели дека Берлин настојува Северна Македонија и Албанија заеднички да продолжат по евроинтегративниот пат. Иако претходно Германија беше цврста во ставот евентуалното решение од дијалогот Скопје-Софија да не задира во преговарачката рамка, Холштајн сега не ја исклучува оваа опција.
„Во принцип, билатералните прашања не припаѓаат во преговарачката рамка, но во интерес на изнаоѓање на решение ќе се направи обид за исцрпување на можностите, иако сепак не треба да се наштети на интегритетот на преговарачката рамка“, рече Холштајн.
Од бугарското МНР соопштија дека процесот на проширување се заснова на сопствените заслуги, повторувајќи дека клучно барање на Софија се правата на Бугарите во земјава.
„Во однос на почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, од клучно значење за Бугарија е постигнувањето неповратни резултати во одржувањето добрососедски односи и добивање јасни гаранции во рамки на преговарачкиот процес на ЕУ за натамошна имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година. Очекуваме уставни гаранции за почитување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“, наведуваат од бугарското МНР.
Соопштението следува по средбата на шефиците на дипломатиите на Германија и Бугарија, Аналена Бербок и Теодора Генчовска. Бербок пред медиумите изрази надеж дека Бугарија ќе успее да ги надмине отворените прашања, со цел старт на преговорите до јуни.
Лука Андреев