Пендаровски: Не е спорно Курти да дава политичка поддршка

Според претседателот Стево Пендаровски, изјавата на неговиот српски колега Александар Вучиќ дека Албин Курти сакал да владее во Македонија, била дадена за внатрешна употреба. Вучиќ неодамна изјави дека намерата на косовскиот премиер Курти е на парламентарните избори во мај во земјава да ги победи ДУИ и Али Ахмети и да биде дел од власта во Македонија.
„Не би сакал да коментирам странски државници кои веројатно имаат некоја своја домашна агенда, а коментираат друг странски државник“, рече Пендаровски.
Претседателот истакна дека не е спорно што лица кои се приврзаници на Курти би учествувале на изборите во Македонија, бидејќи, како што додава, тие не се странци, туку наши државјани.
„Политичка поддршка господинот Курти може да даде кому сака, бидејќи тоа со години наназад го прават Партијата на европски социјалисти на оние партии кои тие ги поддржуваат тука, а се странци и Европската народна партија за десните партии во Македонија. Неспорно“, додава Пендаровски.
Кон крајот на декември трите опозициски партии на Албанците обединети во „Европскиот сојуз за промени“ најавија дека на нивните листи ќе има имиња од партијата на Албин Курти – Самоопределување. Курти пак, последно кажа дека Движењето Самоопределување не е регистрирано во Македонија, но има активисти кои доаѓаат од земјава. Во неговиот кабинет на 31-ви јануари тој се состана со Изет Меџити, Африм Гаши, Биљал Касами, но и Арбен Таравари, а беше соопштено дека разговарале за политичките случувања и положбата на Албанците во Македонија. Веднаш потоа беше најавено дека Алијанса за Албанците ќе се приклучи кон опозицискиот фронт. Засега не е познато кои приврзаници на Курти, би се нашле на избирачките листи.
Лука Андреев