ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Не можам да помогнам, нема консензус за патот кон ЕУ

Не постои национален консензус за продолжување на патот кон членство во Унијата, смета претседателот Стево Пендаровски. Според него, наша главна обврска во овој момент се уставните измени и тука треба да се покаже кој навистина ја поддржува евроинтеграцијата. Тој додава дека со внесот на Бугарите и други заедници во Уставот воопшто не се нарушува државноста.

Advertisements

„Позициите на главните опозициски партии се толку вкопани во таа партиска реторика, од која веројатно чекаат успех на следните избори и тие не ја напуштаат, што навистина не гледам простор, никаков маневарски простор дека можам тука да помогнам. Ставовите се такви… имате заверени изјави на нотар дека ни на сон нема да потпишуваат промена на Устав“, рече претседателот Пендаровски.

Претходно властите најавија интензивирање на консултациите околу уставните измени од оваа недела, но засега официјални средби на лидерите не се закажани.

Евроамбасадорот Дејвид Гир пак, исто така повика на национален консензус, додавајќи дека уставните измени се сепак суверена одлука на земјата. Гир кажа и дека преговарачката рамка е позната и е невозможно да се промени, со што индиректно ја отфрли идејата на опозицијата дека во иднина може одново да се преговара францускиот предлог.

„Едноставно не е реалистично да се верува дека овој чекор може да биде прескокнат и дека некако магично процесот на пристапувањето ќе продолжи. // Ниту пак верувам дека е реалистично да се влева било каква надеж во ново преговарање на договорите кои беа тешко постигнати“, рече Гир.

Мислењата беа искажани на дебатата на Советот на амбасадори посветена на можноста за зачленување на земјава во Европската унија во 2030 година. Учесниците заклучија дека за ова да се случи е неопходно да се засили реформскиот процес, но и Брисел да не го загуби фокусот од регионов.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button