ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Неопходен е државен консензус за уставните измени, без брзање и без отворање нови рани во ткивото на македонската нација

Преговорите се можност за намалување на евроскептицизмот преку враќањето на Европската Унија на голема врата кај нас и во регионот. Тоа може да се постигне само преку поголема видливост на Унијата со своите механизми, иницијативи, критики и структурни фондови. Граѓаните треба да ја чувствуваат Унијата, не како далечно, безлично бирократско тело, туку, како нивен сојузник во напорите за подобар живот, тука, во Северна Македонија, порача претседателот на државата Стево Пендаровски на денешниот настан „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!”.

Advertisements

Најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на државата, според Пендаровски, доаѓа во време на растечки евроскептицизам меѓу македонските граѓани поради забавените евроинтеграции.

Единствено, континуитетот во преговорите може да ја промени ваквата состојба, смета Пендаровски, според кого, не е исклучена можноста од идни провокации од политички субјекти со анахрони погледи и непринципиелни и неевропски барања кои задираат во нашите идентитетски прашања.

– Но, во Европа, треба да му биде секому јасно, дека партнери за таков дијалог овде нема да најдат. Не смееме да трошиме време и енергија за да смируваме нечија нечиста совест. Сиот потенцијал треба да биде фокусиран кон реалните, а не кон реторички реформи, затоа што тоа од нас, долго, предолго го очекуваат македонските граѓани, порача Пендаровски.

Во таа смисла, рече Пендаровски, сите треба да дадеме свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, преку Владата, претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор до медиумите.

– Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации. Секој наш чекор, освен Брисел, ќе го следи и најдобриот судија – македонската јавност. Секоја злоупотреба на овој процес за теснопартиски или лични интереси ќе значи губење на скапоцено време, кое го немаме, но, што е уште поважно, ќе значи дополнително губење на и така ниската доверба на граѓаните во државните институции. А, држава во која граѓаните немаат доверба сигурно не е држава во која тие ќе сакаат да живеат, порача Пендаровски.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button