Пендаровски: Само врз база на солидарност може да се решаваат предизвици што го мачат човештвото

Само обединет, солидарен и отворен свет може да одговори соодветно на глобалните предизвици кои стануваат сè покомплексни и за жал, сè поопасни. Наша обврска кон сегашните и идни генерации е да поставиме соодветни услови за напредок и развој и низ сопствени примери да етаблираме морални вредности врз кои е единствено можен подобар свет, порача денеска претседателот Стево Пендаровски.
Тој во своето обраќање денеска го потенцираше значењето на солидарноста. Како што посочи, само врз база на солидарност може да се решава прашањето на климатските проблеми, како и многу други комплексни предизвици што го мачат човештвото.
-Пред шест децении, тогашниот свет, целосно идеолошки поделен, се сплоти во поддршката на еден град разурнат од огромна природна катастрофа, и на дело го покажа значењето на интернационалната солидарност и целисходноста од постоењето на Обединетите нации и системот на поддршка кој тие го имаат. Свежи во сеќавањата ни се и последните примери со разорните земјотреси во Турција и Сирија и важноста на солидарноста што во таа прилика повторно ја покажа светот, но, и бројни држави, невладини организации и совесни поединци. Без солидарност многу потешко ќе ја пребродевме и Ковид пандемијата, само врз база на солидарност може да се решава прашањето на климатските проблеми, како и многу други комплексни предизвици што го мачат човештвото, рече Пендаровски.