ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пендаровски со апел за реформи

Пендаровски со апел за реформи

Претседателот Стево Пендаровски не ја исклучува можноста од неприпинципиелни и неевропски барања што ќе допираат во идентитетот, за време на преговарачкиот процес со Брисел. Но, порача дека Европа партнер за таков дијалог во земјава ќе нема. Говорејќи за најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, шефот на државата повтори дека сега е клучно да се посветиме на реформите, а централно место во процесот ќе има Собранието. Затоа, додава Пендаровски е неопходно сите да се вклучат во процесот.

„Европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура. Тоа е национален проект што сите релевантни политички партии го поддржуваат од почетокот на македонската независност до денешен ден. Затоа, апелирам до сите политички чинители, како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање“, изјави Стево Пендаровски – претседател.

Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски оцени дека во Извештајот на Комисијата се зборувало за два концепта во земјава. Едниот, кој го предводела Владата и бил насочен на реформските закони, а вториот – на опозицијата, кој предвидувал блокади и со кој Македонија останувала изолирана.

„Втор концепт којшто ги блокира сите закони во Собранието. Ако можам да разберам, еден дел од таа опозиција којашто е цел ден на телефон со Русија, вториот дел не можам да го разберам. Ги повикувам сите во Собранието да се обединиме заради иднината на оваа држава…“, рече Димитар Ковачевски – претседател на Владата.

Порака за внатрешен дијалог упати чешкиот амбасадор, чија земја во моментов претседава со Унијата.

„Реформите бараат посветена работа и системски пристап кон задачите што претстојат, но пред сè се бара конструктивен политички дијалог. Се бара посветеност не само од актуелната политичка структура, туку и од целото општество“, нагласи Јарослав Лудва – амбасадор на Чешката република.

Овие оценки беа дадени на трибина за европскиот пат и реформите, каде премиерот Ковачевски го повтори очекувањето за полноправно членство во Унијата во 2030 година.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button