ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пендаровски во посета на ОOУ „Единство“ во Гостивар каде учат деца со попречености

Претседателот Стево Пендаровски денеска беше во посета на основното училиште „Единство“, информираат од Кабинетот на претседателот. Целта на оваа посета, како што посочија, е да се запознае со условите и начините на кои се одвива инклузивното образование во училиштето.

-За време на посетата, образованиот кадар го информираше претседателот Пендаровски дека ова училиште го посетуваат седум деца со попречености, кои покрај редовната настава, имаат можност за приспособени и индивидуални часови со стручен кадар, односно со дефектолог и психолог. Воедно, беше посочено дека децата имаат можност да ја користат и новоадаптираната училница која е опремена со потребни реквизити, дидактички материјали и средства и дека се веќе обезбедени образовни асистенти кои работат со две од децата, се вели во соопшението.

Пендаровски ги поздравил преземените чекори во училиштето и изразил очекување дека новосоздадените услови ќе придонесат во развојот на вештини и способности кај децата со различен развоен процес со што ќе се поттикне нивната образовна инклузија.

-Во таа насока, Пендаровски уште еднаш ја потенцираше важноста од сензибилизирање на јавноста по овие прашања и посочи дека треба да се преземат заеднички напори и во сите останати училишта во земјава, со цел обезбедување на еднаков пристап и прифаќање на децата со атипичен развој во редовното образование, велат од Кабинетот на претседателот.

Како што информираат, ова е втора посета на претседателот Пендаровски на ООУ „ Единство“ во Гостивар, откако во февруари годинава беше запознаен со предизвиците со кои се соочува семејството на ученичката со атипичен развој Ембла Адеми во процесот на образование и можностите за нивно надминување.

Во рамки на денешната посета, Пендаровски оствари средба и со родителите на Ембла, кои му се заблагодарија за севкупната негова поддршка и во знак на благодарност му подарија заедничка фотографија со Ембла од претходната посета.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button