
Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, се приклучи на своите колеги кои постојано се жалат на прегустиот распоред што го имаат фудбалерите и рече дека ризикот од сериозни повреди се зголемува со секој изминат ден. Оваа изјава на Пеп доаѓа откако остана без седуммина првотимци кои се жалат на повреда, а стратегот го спореди распоредот на фудбалерите со оној во кошаркарската НБА лига.
„Мислам дека е крајно време да застанеме и да размислиме што правиме. Играме неверојатен број натпревари, уште малку ќе го достигнеме распоредот од НБА лигата. Мораме да мислиме на играчите и на нивното здравје. Некој ќе рече дека тие заработуваат милиони и мора да страдаат, но јас сум категоричен противник на оваа теза“, рече шпанецот.
Токму поради големиот број повреди, Манчестер Сити настапи со прилично комбиниран тим на последниот премиерлигашки меч против Борнмут, каде „граѓаните“ го впишаа првиот пораз сезонава.