
Пет години од теророт во Собранието на С Македонија, крвавиот четврток на 27 април 2017 година. Политичките партии и оние кои се најдоа во средината на случувањата пред насилната толпа се сеќаваат на моментите на физички и психички терор врз новите пратеници на мнозинството. Алијанса за Албанците, чиј лидер беше физички нападнат и речиси смртно повреден, денеска пред Собранието ги објави фотографиите на оние кои според него, се вистински извршители на 27 април. Според Алијанса, на 27 април паднал режимот на Никола Груевски, но не и оној на Али Ахмети.
„За жал и денеска СДСМ заедно со ДУИ со половина од тој режим создадоа нов хибриден режим, безнадежна и очајна Влада, ги амнестираа организаторите и извршителите на 27 април, го уапсија Фета Алими и продолжија со криминал и корупција“, изјави Наим Бајрами, Алијанса за Албанците.
СДСМ го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека и по пет години не наоѓа сили да се извини за насилствата.
А, денеска пред Собранието, еден од главните протагонисти на 100-дневните протести кои му претходеа на насилството и кој беше обвинет за поттикнување на насилната толпа, но подоцна ослободен, се солидаризираше со затворениците за крвавиот 27 април. Игор Дурловски се затвори во импровизирана ќелија и си ја затвори устата ставајќи натпис „Молчењето е лошо“.
ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ официјално не реагираа за денешната годишнина од настанот. За терористичко кршење на уставниот поредок, 16 лица се осудени на 211 години затвор, меѓу кои и поранешниот министер за внатрешни работи, тогашен директор на БЈБ, Митко Чавков. Во затвор заврши и Фета Алими, човекот кој го спаси Зиадин Села, додека неговите напаѓачи, како посебна група се осудени на вкупно 81 година затвор. За организирање на насилството обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски и поранешниот министер Спиро Ристовски. Крвавото насилство дојде како резултат на изборот на Талат Џафери за нов спикер од тогашното парламентарно мнозинство СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците.
Андријан Керими