Петков: Бугарија ќе го помести ветото откако С Македонија ќе го отвори Уставот

Во интервју за бугарската телевизија „Нова“, премиерот Кирил Петков демантира дека до јуни е договорено паѓање на ветото на Бугарија за Северна Македонија. За ова прашање, вели дека е потребно гласање во бугарскиот Парламент, каде најавува дека треба да се отвори широка дебата. Петков потсетува и дека Бугарија во 2020 година, гласала на Европскиот совет, Северна Македонија да биде пуштена во насока на ЕУ, за потоа две години да ја блокира со вето.
„На Северна Македонија и го даваме патот кон Европа, но, овој пат е поплочен со барања и обврски, јасно врамен и на тој начин ја користиме цела Европа за да го обезбедиме напредокот што го сакаме како Бугари. Ако сакаме сега да го смениме Уставот, тоа е многу тешко. Но, првото поглавје не може да се отвори без да се смени Уставот, потоа веќе не мора да го менуваат Уставот, затоа што Бугарија сака, туку затоа што тоа е нивниот договор со ЕУ, кој го дефинира патот на С Македонија како земја членка“, рече Петков.
Во интервјуто, Петков вели дека Бугарија треба да го помести ветото за македонските евроинтеграции, а не да го подигне. Според него, бугарските барања треба да бидат вклучени во преговорите за членство на Македонија со ЕУ и Европа да гарантира дека ќе бидат исполнети.
„Доколку правата на Бугарите со промената на Уставот се гарантирани од ЕУ, со други зборови, промената треба да биде дел од пакетот мерки вклучени во Договорот за Република Северна Македонија и нивна должност е да го сменат Уставот на патот кон Европа еден чекор напред“, рече бугарскиот премиер.
Тој вели дека прво треба да бидат исполнети сите бугарски барања пред да се подигне ветото.
„Најглупавото нешто што можеме сега да го направиме е против бугарскиот интерес и ќе се сопнеме. Да бараме сè што сме сакале да се случи, да се случи пред подигнување на ветото. Тогаш националистите ќе ја преземат власта таму и тогаш шансите ни се нула. Сега имаме нормална влада таму и тaa е подготвенa да ги преземе ангажманите со европски договор“, вели Петков.