Петмина повредени во пожарот во Кочани се хоспитализирани во болници во Солун, двајца веќе се оперирани

Во Солун, во болницата Папаниколау и во воената болница, хоспитализирани се вкупно пет лица повредени во пожарот во ноќниот клуб во Кочани, а од нив двајца се веќе оперирани, додека пак на други двајца им била извршена трахеотомија, според информациите на дописничката на МИА од Атина.
Извори од болницата Папаниколау, каде што од вчера попладне се хоспитализирани тројцата повредени, кои со амбулантни возила пристигнаа во Солун, брифираат дека сите се на Одделот за интензивна нега за повредени со изгореници, двајца се оперирани, а третиот сè уште не е.
Како што вчера објави МИА, станува збор за две девојки и едно момче на возраст од 25, 26 и 19 години, кои се тешко повредени со големи изгореници.
Дополнително, според информациите на МИА, во воената болница во Солун биле префрлени уште двајца повредени на кои им била извршена трахеотомија. Според истите извори, болницата Папаниколау засега не е информирана или известена за транспорт на други случаи.