ПИНА: Дури 80 отсто од новинарките се соочиле со онлајн вознемирување

Дури 81,6 отсто од 103 анкетирани новинарки во земјава се соочиле со онлајн вознемирување, откриваат резултатите од анкетата спроведена од Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА) со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Анкетниот прашалник кој го одговараа новинарките е дел од темелната анализа посветена на онлајн вознемирувањето врз новинарките кај нас спроведено од ПИНА.
За потребите на анализата на ПИНА, посветена на проблемот со вознемирување во дигиталниот простор, покрај анализа на домашни и меѓународни извештаи, правни анализи, истражувања и публикации, спроведени се и интервјуа со релевантни чинители како од областа на новинарството, така и од сферата на родово базираното насилство, а направена е и анкета која ја одговориле 103 новинарки, од кои 80,6 отсто имаат повеќе од 10 години работно искуство.
Според новинарките, мотивот за вознемирувањето најчесто бил поради објава на новинарски текстови насочени кон други центри на моќ (56,6 проценти), во 43,4 отсто од случаите поради објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите, во 36,1 проценти поради објавени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички насочени кон некоја партија. Помал дел од новинарките кажале дека биле вознемирувани како резултат на изразување на лични ставови и мислења за општествени случувања кои биле критички кон властите (24,1 отсто) и кон некоја партија (18,1 проценти).
Според податоците од истражување на Меѓународната федерација на новинари цитирано во публикацијата на ПИНА, 64 отсто од новинарките се соочиле со онлајн насилство, од кои речиси половина (47 отсто) не го пријавиле случајот. Резултатите од прашалникот на ПИНА покажуваат дека кај нас оваа бројка е уште повисока – дури 81,6 проценти од новинарките во земјава се соочиле со онлајн вознемирување поради својата работа, а речиси половина (43,7 отсто) вознемирувањето не го пријавиле никаде, додека најголем дел од останатите (32 проценти) го пријавиле во својата редакција.
Над 29,7 отсто од новинарките кажале дека биле споделени нивни фотографии во одредени групи на социјалните мрежи, со цел нивна дискредитација. Со онлајн демнење се соочиле 22 проценти од новинарките, додека оркестрирани кампањи биле организирани против 18,7 отсто.
Иако најголем дел (86,4 отсто) од испитаничките потврдиле дека се информирани во која институција треба да се пријави случај на онлајн вознемирување, само 25,2 проценти се обратиле до надлежната институција. Скоро половина (41,9 отсто) од новинарките кои пријавиле онлајн вознемирување и напади биле многу незадоволни од соработката со институциите, а само две испитанички се изјасниле како задоволни.